10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Институциите преку стратешки мерки го решаваат проблемот со загадувањето

Институциите системски го решаваат проблемот со загадувањето, возвраќа СДСМ на обвинувањата на опозицијата, која претходно преку соопштение упати критики кон власта дека троши повеќе пари за луксузни автомобили и мебел отколку за загадениот воздух.

„Цели 11 години ВМРО-ДПМНЕ го игнорира проблемот со загадувањето на воздухот додека парите на граѓаните ги трошешe на луксуз, лажен барок, скапи возила и криминални тендери преку кои се уништуваше зеленилото и се загрозуваше животната средина. Владата предводена од СДСМ наследи огромни проблеми со аерозагадувањето, но презема низа стратешки мерки со кои системски се решава овој проблем. Во координација со Министерство за животна средина, Град Скопје, општините и надлежните институции, усвоен е план за чист воздух, со кој системски на краток, среден и на долг рок се решава загадувањето. За овој план, покрај редовните средства, одвоени се и дополнителни 1,5 милион евра“, наведе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во реакцијата.

СДСМ додава дека планот за чист воздух овозможува 10 илјади домаќинства да бидат приклучени на парно греење, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади семејства имаат шанса да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 семејства ќе добијат приклучок за гас.

„Се интензивираат инспекциските надзори и контроли, се санираат и расчистуваат дивите депонии. Истовремено, со субвенционирање набавка на еколошки автомобили и субвенционирање на трошоците за вградување уред на погон на ТНГ во возилата, ќе се пристапи кон намалување на загадувањето од сообраќајот“, додава СДСМ.

Со сите мерки што се спроведуваат сега и во иднина, од владејачката партија очекуваат во наредниот период загадувањето двојно да се намали.

Спонзорирано: