3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кинеска авторка осудена на 10 години затвор поради еротски роман

Кинеска писателка е осудена на 10 години во затвор поради тоа што напишала роман што содржи сексуални сцени со хомосексуалци. Авторката, позната како Лиу, е затворена по судење во провинцијата Анхуи минатиот месец поради пишување и продажба на вулгарен материјал.

Во романот со наслов „Окупација“ се зборува за машки хомосексуални односи, како и перверзни сексуални односи и насилство.

Долгата казна ја разбесни јавноста, која се огласи на социјалните медиуми во Кина.

Според локалните медиуми, Лиу, попозната по нејзиниот интернет-алијас Тијан Ји, веќе поднела приговор до судот.

Имено, порнографијата во Кина е нелегална.

Локалните медиуми соопштуваат дека Лиу била осудена од Народниот суд во Вуху за креирање и продажба на вулгарна содржина со цел остварување профит.

Сепак, информациите за судењето беа објавени од кинеските медиуми дури оваа недела.

Полицијата најпрвин била известена за романот кога тој добил популарност на интернет.

Лиу продала над 7.000 копии од „Окупација“ и други еротски романи, а заработила профит од 150.000 јуани (18.899 евра), според информации на „Глобал тајмс“.