13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Властите во Венецуела воведуваат електронски картички со кои може да ги контролираат граѓаните

Хуго Чавез, поранешниот претседател на Венецуела, во 2008 година испратил делегација во Кина за да го проучи кинескиот систем за лични карти. Имено, жителите на Венецуела во тоа време немале единствена електронска јавна исправа, што им го отежнувало пристапoт до избирачките места или отворањето банкарска сметка.

Но, како што пишува „Ројтерс“, официјалните лица за време на посетата на Кина сфатиле дека личната карта, освен за идентификација, може да се користи за многу нешта.

Во текот на посетата на кинеската компанија за телекомуникации ЗТЕ виделе дека Кина, користејќи го системот за паметни картички, развива мрежа за следење на социјалното, економското и политичкото однесување на своите жители. Користејќи ги податоците зачувани на личната карта, на кинеската влада ѝ се давало можност да ги следи финансиските трансакции на граѓаните, но исто така и да има увид во нивните здравствени картони и гласачката активност.

Членот на венецуелската делегација што тогаш била во посета на Кина, техничарот Антони Дакуин, за „Ројтерс“ изјавил дека веднаш забележал оти ваквиот систем за паметни картички може да биде опасен и да им служи на властите, а не на граѓаните. Кога тој го претставил своето мислење пред високи претставници во Венецуела, властите го затвориле. Во затворот бил мачен и обвинет за предавство по што морал да побегне од земјата.

По 10 години затишје, актуелните власти на Венецуела во јавноста претставија нов систем на електронски јавни документи. Новите паметни лични карти се наречени „карнет дела патрија“, а треба да се користат за идентификација, пристап до социјални и здравствени програми и пристап до субвенционирана храна. Податоците ќе бидат испраќани до централна база на податоци, а ЗТЕ е лидер на проектот, тврди „Ројтерс“.

Многу организации за човекови права се противат на воведувањето ваков вид електронски документи и сметаат дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ќе го користи системот за следење и контрола на граѓаните.

„Се работи за уцена“, смета Хектор Наваро, еден од основачите на владејачката Социјалистичка партија. „Граѓаните на Венецуела, кои имаат вакви картички, наводно уживаат повеќе права отколку граѓаните што немаат“, истакнува тој.

Спонзорирано: