13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Заев: Младите да го искористат моментот на прогрес и да преземат иницијативи за сопствен бизнис

Премиерот Зоран Заев во Софија присуствуваше на Стартап Самитот во организација на Европската Унија, а под покровителство на комесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев се обратил на првата панел дискусија на Самитот, за важноста од поттикнување на дигитализација и создавање на услови за развој на иновативноста и стартап бизниси во Западен Балкан.

„Земјите од Западен Балкан имаат потенцијал да го фатат моментот за прогрес, посебно младите генерации преку можностите што ги нудат нашите отворени општества преку дигиталното интернет поврзување да ги пренесат модерните напредни искуства од светот, во нашиот регион. Сите овие аспекти на технолошки развој и иновации се опфатени и во образовниот процес бидејќи е важно младите генерации да го добијат потребното знаење и да бидат мотивирани. Нашите влади изнаоѓаат можности како уште поинтензивно да ги поддржат иновациите, технолошкиот развој, стартап бизнисите за да се поттикне и забрза иновативниот процес на размислување“, истакнал Заев.

Премиерот посочил дека македонската Влада поддржала отворање на три бизнис акцелератори за нови стартап бизниси и посочил дека практичното искуство и позитивните примери на успешни стартап компании се мотив за сите млади луѓе да размислуваат креативно, да подготвуваат проекти и да преземат иницијативи за сопствен бизнис.

На овој панел со Заев дебатирале и премиерите на Црна Гора и Република Србија, Душко Марковиќ и Ана Брнабиќ, а свои воведни обраќања имале и бугарскиот премиер, Бојко Борисов и комесарката за дигитална економија и општество во Европската Комисија, Марија Габриел, како домаќини на самитот.

Заев во Софија е придружуван од министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Во рамки на одржувањето на Startup Europe Summit 2018 министерот Манчевски остварил средба со комесарката за дигитална економија и општество во ЕК, Марија Габриел, на којашто разговарале за Научно технолошкиот парк којшто до крајот на годината треба да се отвори во Скопје, како и за можноста Македонија да биде домаќин на првата регионална академија за сајбер безбедност за земјите од Западен Балкан.

Спонзорирано: