16.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Стоилковски: Заев и Спасовски се одговорни за бегството на Груевски

Одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај аболираниот криминалец Зоран Заев и кај неговиот одговорен министер за прогон и терор, Оливер Спасовски. Со овој случај и со менаџирањето на политичкиот прогон, Заев и Спасовски го допреа дното.

Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки поради нефункционирање на институциите и разорувањето на Република Македонија, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев и министерот за прогон и терор, Оливер Спасовски, мора да престанат да ја лажат јавноста. Тие во рацете ја држат целата безбедност и во такви услови велат дека не знаеле за движењето на Никола Груевски? Груевски е човекот против кого и со години тие водеа политичка хајка, фрлаа со дрва и камења и го третираа и го третираат како државен непријател број еден и сега сакаат да кажат дека не знаеле каде бил, каде се движел, на кој начин им избегал“, вели Стоилковски.

Го злоупотребуваат бегството, додаде тој, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица што редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели. Оваа власт го донесе најцрното време на Република Македонија, црно време во кое се монтираат случаи од киднапирани институции. Криминогената хунта ја киднапира држава, го одзеде достоинството на граѓаните, менува име, Устав, менува идентитет. Ја претворија Република Македонија во држава на нерасчистени убиства, економска девастација, комплетна партизација, корупциски скандали и недопирливи функционери“, рече Стоилковски.

Спонзорирано: