9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ОЈО поднесе обвинителен акт против пет лица поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги

По повеќемесечна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе обвинителен акт против пет лица, сите македонски државјани, информираа од ОЈО.

Како што посочија од обвинителството, четворица од обвинетите се товарат дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од чл.215 ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, додека едно лице е обвинето за помагање при извршување на кривичното дело.

Обвинетите се дел од два одвоени настани случени во текот на 2017 година за кои беше побарана меѓународна правна помош од Репубика Србија и во мај годинава, по спроведената акција за нивно лишување од слобода, беше донесена наредба за спроведување на истражна постапка, велат од обвинителството.

„Во септември 2017 година прво и второ обвинетиот, со цел да се стекнат со парични средства за набавка на наркотична дрога, зеле 25.000 евра од непознато лице од Прилеп, на кое како гаранција му оставиле товарно моторно возило. Двајцата со автомобил обезбеден од третиот обвинет стигнале во Белгија од каде купиле 483,7 грама кокаин и 1328,3 грама смеса за мешање – фанацетин и манитол, како и патничко моторно возило марка „мерцедес“ со белгиски регистарски во кое ја сокриле дрогата. На враќање двете возила биле запрени на излезот од Република Србија. Откако го пуштиле првото возило, српските царински службеници ја нашле дрогата во второто возило. Обвинетиот кој управувал со возилото се дал во бегство кон Република Македонија. По влезот на македонска територија, тој му дал инструкции на третиот обвинет да ги врати земените 25.000 евра кај лицето од Прилеп и да го врати товарното возило дадено во залог“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Оттаму додаваат дека во декември 2017 година четвртиот обвинет купил 128 килограми и 670 грама марихуана и ја чувал на неутврдено место на територијата на Косово. Тој ангажирал возач кој за одреден паричен надомест ќе управува со ТМВ марка „ДАФ“ во кое ќе биде сокриена дрогата и ќе ја пренесе од Косово во Србија. Четвртиот и петтиот обвинет ја скриле марихуаната во специјално направен бункер во резервоарот за гориво, по што возачот, управувајќи го камионот, се упатил кон административниот премин Кончуљ на влез во Србија, а останатите обвинети, како што посочуваат од обвинителството, го следеле камионот со автомобил марка „бе-ем-ве“.

„На полициски пункт кај Владичин Хан, од страна на полициските службеници на Србија, товарното возило било сопрено и притоа е пронајдена и запленета дрогата. За возачот се водеше постапка во Србија, каде и издржува казна затвор за овој кривично правен настан“, велат од ОЈО.

Надлежниот обвинител до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за четворицата обвинети и за продолжување на определената мерка куќен притвор за еден од обвинетите.

Спонзорирано: