4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Со буџетот за в година се намалува дефицитот половина милјарда денари

Со буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за в година е проектиран на 2,5 процента од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека со постепеното намалување на буџетскиот дефицит се води дисциплинирана буџетска политика, што ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок.

„Клучна појдовна точка за буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5 процента од проектираниот БДП за 2019 од 2,7 процента во 2018. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Ова е во согласност со фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг“, рече Тевдовски.

Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи се 228,5 милијарди денари.

„Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2 проценти на БДП. Притоа, Министерството за финансии оди со проекции кои се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции“, рече министерот за финансии. Како што посочи Тевдовски, економскиот раст ќе ги придвижат солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.

Се очекува стапката на инфлација да е ниска и стабилна – во 2019 е проектирана на 2 процента. В година се очекува раст на номиналната нето-плата од 4,5 отсто. Исто така, се очекува стапката на невработеност да се намали на 20 проценти.