10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Даваме придонес во чувањето и негувањето на културните особености на Ромската заедница

По повод одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, премиерот Зоран Заев учествуваше и се обрати на настанот кој се одржа под покровителство на министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014 – 2020, Аксел Ахмедовски.

Како што информираат од владината прес-служба, во своето обраќање Заев упатил честитки до ромската заедница во Македонија, но и до сите граѓани на државата, со порака дека причината за славење на посебноста на ромската заедница, е причина за славење за сите граѓани, затоа што, како што рекол, општество еднакво за сите е основниот принцип на владината програма и заедничка вредност.

„Ромите денес се вклучени во целокупноста на општественото живеење, не само во Република Македонија, туку и во земјите ширум Европската Унија. Денешниот настан е убав повод уште еднаш да истакнеме дека Владата, заедно со политичките претставници на ромската заедница и со лидерите на граѓанските организации, останува и понатаму целосно посветена на процесите за поголемо учество на Ромите во процесот на донесување на одлуките по прашањата што ја засегаат оваа наша заедница. Посебно внимание, освен на социјалните политики и на мерките за вклучување на пазарот на трудот, обрнуваме на образованието“, истакнал премиерот.

За потребата од континуирана заложба за зачувувањето и негувањето не само на јазикот, туку и на културата, традицијата и обичаите, говорел и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој подвлекол дека актуелната Влада преку имплементацијата на концептот „едно општество за сите“, го зацврстува местото на ромската заедница во општеството.

„Ќе споменам дека изучувањето на ромскиот јазик е воведено како наставна програма во основното образование. Воведен е изборен предмет ‘Јазик и култура на Ромите’. Донесена е и се спроведува ‘Стратегија за воведување на ромски образовни медијатори во воспитно-образовниот систем’, како позитивен модел за обезбедување на квалитетно и еднакво образование на учениците од ромската заедница“, потенцирал министерот за образование.

Во своето обраќање министерот за култура Асаф Адеми потенцирал дека одбележувањето на овој ден претставува значаен чекор во зачувувањето, развојот и афирмацијата на ромскиот јазик.

На настанот обраќања имле и пратеникот во македонското собрание, Самка Ибраимоски и пратеникот во Собранието на Хрватска, Вељко Кајтази.

Како што информираат од прес-службата на Владата, истиот се заокружил со изложба на фотографии за културата на ромскиот народ низ земјите од Балканот.

Спонзорирано: