Тимот на Катица Јанева со нов неочекуван потег: Обвинителството тргна кон фирмите на Орце Камчев

СЈО врши претрес во „Орка Холдинг“, компанијата на бизнисменот Орце Камчев. Од СЈО неофицијално ја потврдуваат информацијата, а Камчев беше недостапен за да каже од кои причини компанијата е под лупа на обвинителството.

Вработени во „Орка холдинг“ за Макфакс сведочат дека обвинители од СЈО се влезени во главните простории на компанијата со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција, а дека останатите компании во објектот работат нормално.

Минатата недела, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет за една приватна болница која се поврзува со бизнисменот Камчев, под сомнение дека биле злоупотребувани пари од Фондот за здравствено осигурување. Според предистражната постапка, постојат индиции дека дел од наплатените интервенции се фиктивно извршени од страна на болницата, како и дека за ист пациент и за ист вид интервенција се вршени по неколку наплати од Фондот.

Бизнисменот Камчев еднаш се јави како сведок во СЈО пред две години, но не се знаеше во однос на кој предмет, ниту пак беа соопштени детали од неговата посета во обвинителството. СДСМ, кога ги објавуваше такаранечените „бомби“, не објави ниту една аудио снимка во која може да се слушне разговор меѓу Камчев и тогашните претставници на власта.

Бизнисменот Камчев се јавува како овластено лице во повеќе компании, тој е директор и извршен член на одборот на директори на „Орка холдинг“, фирма која е сопственик на Друштвото за производство, трговија и услуги МОНТ ДООЕЛ Скопје и приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ во Скопје.

Неговото име се провлекуваше и во повеќе оф-шор компании, меѓу кои и фамозната „Ексико“ од кои дел постојано ги менуваа називите, сопствеништвото и локацијата низ различни даночни раеви во светот.
(Макфакс)