12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Гувернерката на НБРМ: Потребни структурни реформи за зголемување на потенцијалот за раст

На претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера, во Копенхаген, Данска, излагање имаше гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа и гувернерот на Централната банка на Данска, Пер Калесен, изнесоа свои видувања и оценки за одделни области опфатени со Прегледот, откако за главните наоди и согледби претставени во него, најпрво говореше директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, Пол Томсен.

Гувернерката се задржа на економиите од Европа од групата брзорастечки економии и економии во развој. Притоа, таа укажа на високата трговска и финансиска поврзаност на оваа група земји со останатите поразвиени европски економии. Во тој контекст посочи на ризиците со коишто се соочуваат овие економии на патот кон побрза конвергенција, а како резултат на забавениот потенцијален раст на поразвиените економии и на постепеното затегнување на глобалните финансиски услови.

Во вакви околности, истакна гувернерката, сè поизразена е потребата за спроведување институционални и структурни реформи, коишто ќе ја зголемат продуктивноста на овие економии и нивниот потенцијал за раст, со што ќе се овозможи и нивна побрза конвергенција.

Во рамки на работната посета на Копенхаген, гувернерката на НБРМ оствари и билатерална средба со гувернерите на Централната банка на Данска, Ларс Роде и Пер Калесен. Меѓу другото, тие разговараа и за предизвиците на фиксниот девизен курс, ефектите од политиките на Европската централна банка и употребата на макропудентни политики и инструменти. На средбата беше искажана цврста заедничка решеност за натамошно унапредување на соработката меѓу двете централни банки.

Учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на претставувањето на најновиот Регионален економски преглед за Европа е уште една потврда за одличната комуникација и соработка меѓу НБРМ и ММФ.

Спонзорирано: