9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Орбан покрена кампања против мигрантите, се вика „Одбрана на семејството“

Кампања под назив „Одбрана на семејството“ има за цел да го испита мислењето на граѓаните за тоа дали се согласуваат со обвинувањата на премиерот Виктор Орбан дека Европската Унија сака со мигрантите да го замени своето старо и сè помалубројно население, објави fранцуската агенција АФП.

Во рамките на кампањата унгарските граѓани ќе добијат прашалник преку кој ќе може да ги изразат своите ставови за демографските проблеми и миграцијата.

„Европа е континент на празни колевки, нема доволно деца. И покрај масовната миграција кон Европа, Унгарија сака да се потпре на сопствените внатрешни ресурси. Ние гледаме иднина за унгарските деца. Унгарија не сака имиграција или замена на населението“, изјави Каталин Новак, државна секретарка во владата на Виктор Орбан при означувањето на стартот на кампањата.

Според Новак, со пополнување на прашалниците Унгарците имаат можност да му испратат силна порака на Брисел дека обновата на Европа не е можна без зајакнување на семејството како столб на општеството.

Во анализата на француската агенција, кампањата на Орбан се опишува како уште една негова провокација упатена кон лидерите на ЕУ, кои, пак, често го критикуваат за популизам, националистички ставови и антиимигрантска политика.

Примероци од прашалникот со десет прашања ќе им бидат испратени на околу осум милиони домаќинства низ целата земја во текот на следните неколку дена, а одговорите треба да се вратат до 21 декември годинава.

Првото прашање гласи: Дали се согласувате дека намалувањето на наталитетот треба да се реши со посилна поддршка на семејствата наместо миграцијата?

Останатите прашања се однесуваат на признавањето на мајчинството како полно работно време, потоа дали децата треба да имаат уставно право на мајка и татко, како и на тоа дали треба иnтелектулниот, духовниот и физичкиот развој на децата да станат вредности што ќе бидат заштитени од државата.