4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Универзитетските професори од Нигерија најавија генерален штрајк

Професори од универзитетите во Нигерија почнаа штрајк на државно ниво со цел да добијат адекватни фондови за високо образование и да го бојкотираат владиниот предлог за повисока партиципација.

„Објавивме генерален штрајк и ова е нашата конечна одлука, а штрајкот ќе трае додека владата не ги исполни нашите барања“, вели Биодун Огунјеми, шеф на Академската унија на универзитети (АСУУ).

Огунјеми вели дека акцијата почнала во понеделникот, односно еден ден откако двата најголеми синдикати во Нигерија решиле да штрајкуваат додека владата не го одобри нивното барање за минимална плата.

„Нашето барање се однесува на адекватното финансирање за високото образование и истражување во нашите универзитети. Ова го бараме со години, но владата ги одбива нашите предлози и барања“, вели тој.

„Исто така сме против покачените партиципации на нашите универзитети, сметаме дека ова само ќе ја влоши состојбата во земјата. Се противиме и на т.н. ‘образовни банки’ кои на студентите им гарантираат поволни кредити. Ова никогаш не функционирало и нема да функционира бидејќи нема доволно работни места за студентите да можат да ги отплаќаат студентските кредити“, посочува Огунјеми.

Движењето ги сопре академските активности во универзитетите низ земјата откако професорите не се појавија на предавањата во согласност со наредбите на нивниот покровител.

Повеќето универзитетски професори во Нигерија се дел од унијата АСУУ, тело чие водство испиша историја со својата антикапиталистичка политика. Во 80-тите и 90-тите АСУУ беше дел од коалицијата која постојано се противеше на воените закони и владиното усвојување на политиките на Меѓународниот монетарен фонд.