11.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Џафери и Соботка ги оценија односите меѓу Македонија и Австрија како многу добри

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прими во својот кабинет Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Република Австрија, кој престојува во еднодневна официјална посета на нашата земја.

Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата двајцата високи државници се согласиле дека меѓусебните односи се многу добри и се заложиле за понатамошно и континуирано одржување и надградување на постојните односи, како на парламентарно така и на државно ниво.

Џафери, во рамки на состанокот, го информирал својот хомолог за активностите во Собранието и за последните актуелности на нашата политичка сцена и воедно се заблагодарил на безрезервната поддршка што Австрија ја дава на Македонија во нејзините напори за интегрирање во евро-атланските структури, поддршка што е поткрепена и со стратегијата на Европската комисија за Балканот, меѓутоа и со актуелната улога на претседавач со Европската Унија.

Соботка го поканил Џафери во официјална посета на Австрија, на којашто се очекува двајцата претседатели на парламенти да потпишат меморандум за разбирање, како основа за професионална соработка помеѓу службите на Собранието на Република Македонија и Националниот совет на Република Австрија.

По билатералната средба, Соботка се потпиша во Книгата за впечатоци и заедно со Џафери дадоа изјави за медиуми. Потоа, претседателот на Националниот совет на Австрија се обрати пред пратениците во законодавниот дом на Македонија.

Спонзорирано: