9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Славески: Зголемените даноци носат пораст на сивата економија и загуба на работни места

Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одржа прес-конференција во врска со денешната најава дека од почетокот на наредната година Владата ќе воведе прогресивно оданочување и ќе го напушти концептот на рамен данок кој што во земјава опстојуваше 11 години.

Славески истакна дека со овој потег СДСМ е на пат да ја доуништи македонската економија, како што истакна, и покрај сите укажувања од страна на бизнис заедницата и на граѓаните дека тоа во овој момент за Република Македонија е погрешна мерка.

„Прво, ова ќе значи притисок врз компаниите да ги зголемат цените поради зголемените трошоци за труд со што ќе се зголеми стапката на инфлација. Понатаму, зголемениот персонален данок на доход едноставно значи пониски нето плати затоа што значи дека работодавачите нема да го понесат тој дополнителен фискален товар“, посочи Славески.

Тој предупреди дека зголемените даноци значат и зголемена даночна евазија и пораст на сивата економија.

„Зголемените даноци значат загуба на работни места заради порастот на трошоците за работна сила. Зголемените даноци не значат зголемени буџетски приходи. Видовме дека пресметките на Министерството за финансии кои што се проблематични покажуваат дека наводно ќе се прибереле дополнителни 25 милиони евра, а знаеме ние дека само со укинувањето на радио-дифузната такса во Буџетот се слеваат помалку средства од оваа предвидена сума“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Славески во однос на најавените мерки за реформа во системот на социјална заштита истакна дека Владата влегува во опасна авантура со тоа што сака да воведе систем на гарантиран минимален приход, нешто што, како што рече, не постои во Европа и ретко каде во Светот.

„Финска една од најбогатите земји во Европа и најбогата социјална држава експериментираше на околу 2.000 вработени во период предвиден од 2 години како ќе функционира системот на базичен доход што е блиску до она што е гарантиран минимален приход и го напушти воведувањето и го одложи во недоглед, сметајќи дека тоа е скапа мерка“, образложи членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Славески во своето обраќање подвлече дека се ова се случува во период кога во земјава нема раст на БДП и не се користи поволната клима во светската економија.

„Во вакви околности да воведувате минимален приход, значи изедначување на социјалната помош со минималната плата и ќе имаме понатамошно продлабочување на состојбите на пазарот на труд“, заклучи тој.

Спонзорирано: