15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Самостојна изложба на Горан Боев во Струмица

Во 19 часот во Домот на културата во Струмица ќе биде отворена самостојна изложба на реномираниот академскиот сликар Горан Боев. На изложбата ќе бидат претставени најновите ликовни дела на овој исклучително продуктивен автор, академскиот сликар, извонреден сликар, кој последнава деценија остава трага на македонската ликовна сцена, со својата оригиналност, мајсторство и вештина каква ретко се среќава, кој остави силен впечаток со својот карактер и уметнички израз, будејќи ново искуство кај сите.

Во своите нови дела Боев експериментира со боите и формите, користи геометриските форми – квадрат, круг, триаголник, или кубизам лишен од било каков субјективизам, со цел да постигне драматичност и сензибилитет. Или како што наведува писателот Тодор Богев: Експресија и тотална слобода на уметникот во експериментирањето со боите и формите.
“Да се пробуваат разни техники и стилови е природно и препорачливо, за еден уметник. Да се инсистира на некаков стил или техника на работа со која уметникот формално би бил препознатлив и со тоа да се задоволи „ликовната” суета, е само по себе лимитирање на креативноста. Погрешно е по секоја цена да се инсистира на препознатливост и печат! Подобро е уметникот да биде разностран и креативен, отколку некаква своја „оригиналност” да ја затвори во медиокритетски рамки. Моите нови дела се резултат на пробување нешто ново, свое, одраз на мојата внатрешност”, изјави Боев.

Тој вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид. Уметноста спојува, збогатува, провоцира, поттикнува и разгалува. Таа не познава граници, временски ограничувања, таа е над се, одраз на индивидуална перцепција на уметникот, на игрите од детството и комплексноста и одговорноста во зрелото доба, таа е измешано дело на свеста и подсвеста.

Спонзорирано: