21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Одржан тренинг за создавање младински банки во Македонија

Претставници на младински организации и претставници на општини од Македонија на тренинг за градење капацитети учеа што треба да направат за да го воведат иновативниот модел на младински банки во Македонија. Моделот на младински банки предвидува создавање фондови за млади на ниво на општините кои ќе се полнат со средства од самите општини, донации и проекти, но и од бизнис заедницата, а ќе бидат исклучиво наменети за поддржување локални иницијативи од млади. Младите во рамки на овој модел не само што аплицираат со проектни идеи, како неформални групи, туку и процесот на одлучување кои идеи ќе се поддржат е оставен исто на младите. На овој начин младите се стекнуваат со автономија, право на одлучување, претприемачки вештини и вештини за вработување, но и со можност за работа во тим, емпатија, препознавање на локални проблеми.

Моделот на младински банки во земјава го воведува Мрежата на младински банки Македонија, проект на Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, а поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Моделот постои во 25 земји во светот, а зад Мрежата на младински банки стојат 13 релевантни младински организации од Македонија кои се залагаат за вработување на младите, нивно учество и активизам и подобар квалитет на живот.

На тренингот кој се одржа во хотел Амбасадор, Скопје, од 14- 18 октомври, присуствуваа претставници од општините Охрид, Струга, Новаци, Боговиње, Кисела Вода и Гази Баба, како и  претставници од членките на Мрежата на младински банки Македонија, Младиинфо Интернационал, ЦЕФЕ Македонија – Битола, Младински сојуз – Крушево, Порака Нова – Струга, Младински совет Прилеп, Мултикултура – Тетово, Младите можат – Скопје, Волонтерски ценар Скопје, Инова Лаб – Битола, Здружение на граѓани за културна соработка Интеркултура – Скопје, Здружение за мултикултурна интеграција – Инклузија – Охрид и Платфрома за зајакнување на младите – Гостивар.

Целта на првиот тренинг кој се одржа во Скопје беше засегнатите страни да ги запознаат основните принципи и вредности на моделот, да ги разберат процедурите за неговото воведување, како и да развијат документи кои ќе помогнат во процесите на застапување и воспоставување на вакви фондови за млади.

„Моделот на младински банки ќе ги поттикне младите луѓе да бидат похрабри во истакнување на своите идеи  и со нивно ангажирање во проекти да ги  развијат своите животни вештини. Со овој модел младите директно ќе бидат  инволвирани во локалниот развој со што би се создала  меѓусебна доверба помеѓу општините, младите и заедницата.”, истакна Кристина Димова од општина Кисела вода.

Учесниците имаа можност да учат од најдобрите примери во регионот, користејќи го знаењето и искуството на Мозаик Фондација од Босна и Херцеговина, кои овој модел го спроведуваат веќе десетина години и до сега во младинските банки во БиХ се имаат слеано над 3 милиони евра со кои се поддржани повеќе од 1700 проекти.

„Моделот на младински банки ќе им донесе на младите луѓе можност да ги остварат нивните идеи, да го имплемнтираат своето знаење и вештини, а притоа ќе им биде понудено менторска, финансиска и техничка поддршка. Преку овој модел сметам дека младите ќе развијат чувство на поголема одговорност, ќе имаат можност сами да креираат решенија за проблемите со кои се среќаваат во секојдневието”, изјави Силвија Попчановска, од ЦЕФЕ Македонија, од Битола, една од членките основачи на Мрежата на младински банки – Македонија.

Ана Алибегова, менаџер на проектот и Директор за програмски развој на Младиинфо дополни: „Моделот на младински банки е единствен модел по својата иновативност кој ги вклучува младите директно во процесите: подготвување младински проекти и одлучувајќи кои иницијативи да се поддржат, младите учат да размислуваат критички,  работат во тим, размислуваат како претприемачи, пишуваат и  менаџираат проекти.  Младинските банки поттикнуваат вештини  за вработување кај младите, преку нивно директно  вклучување. Нема повеќе неефикасни тренинзи, работилници  за отпочнување бизнис, без отпочнат бизнис, тука се учи од „прва рака”.

До крајот на годинава ќе има уште еден тренинг за градење на капацитетите на кои ќе бидат поканети младинските организации од Мрежата, претставници на општините, но и останати заинтересирани.

Повеќе за проектот Мрежа на младински банки – Македонија, членките и активностите може да прочитате на официјалната веб страница: http://mladinskibanki.mk/

Спонзорирано: