4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Културната соработка со Скопје и проектот за паметни градови теми при посетата на делегација од збратимениот Дрезден

Како што информираат градските власти, за време на престојот делегацијата посетила повеќе средни училишта во Скопје и повеќе бази на Противпожарната бригада во градот, а во текот на посетата остварени биле и голем број официјални средби.

Вчера, делегацијата од Дрезден остварила средба и со заменик-градоначалникот на град Скопје, Енвер Малиќи, и поголем број претставници на градската администрација.

„На средбата имаше дискусија за досегашната соработка меѓу Скопје и Дрезден, како и можноста за нејзино продлабочување, пред сè, во областа на културата, економијата, образованието, противпожарната заштита и туризмот. Една од темите на разговорот беше и кандидатурата на Скопје во 2028 година да биде европска престолнина на културата бидејќи Дрезден аплицира за таа титула во 2025 година. На средбата се дискутира за размена на искуства од аспект на организација и подготовки за овој голем настан, како и за подобрување на соработката на културните институции од двата града“, наведуваат во соопштение од Град Скопје.

На средбата станало збор и за активностите во рамките на европскиот проект MAtchUP, кој е проект за паметен град, во кој учествуаат и Скопје и Дрезден. Преку овој проект, кој е финансиран од европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“, градовите ќе дизајнираат и имплементираат палета иновативни решенија од областа на енергетиката, мобилноста и ИКТ, кои ќе се користат како модел на урбанистички трансформации за други градови во Европа и пошироко.

Скопје и Дрезден се збратимени градови од 1967 година и имаат успешна соработка на полето на културата, образованието и спортот, како и размена на искуства во противпожарната заштита.