Во изјавата за група провинциски лидери од неговата партија АКП во Анкара во петокот, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, се осврна на две клучни прашања: тековниот конфликт во Сирија и убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, пренесува „Спутник“.
За време на говорот Ердоган рече дека дал конечно предупредување за Сирија нагласувајќи „ние ќе ја елиминираме заканата кон Турција и нема да дозволиме активности што ги загрозуваат границите на земјата“.
Ердоган потоа изјави дека регионот источно од Еуфрат ќе биде ослободен од терористите и ќе му биде вратен на законските сопственици додавајќи дека Анкара ќе го фокусира своето внимание кон сириските курдски борци источно од реката, а не на областа Манбиџ.
Ердоган понатаму изјави и дека договорот меѓу Анкара и Москва за Идлиб се исполнува без проблеми.
„Ние, заедно со Русија и Иран, развивме формула што ги зема предвид интересите на сите страни. Како резултат на тоа сега нема проблеми со Идлиб“, рече тој додавајќи дека имало повеќе преговори, а страните на крајот постигнале логичен заклучок во Сочи и во Техеран, рече Ердоган.
Забелешките на Ердоган доаѓаат пред самитот за Сирија со рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон, кој ќе се одржи на 27 октомври во Истанбул.