20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

(Видео) Кај прилепското село Крушевица почна снимањето на новиот филм на Манчевски

Во близина на прилепското село Крушевица почна снимањето на „Врба“, шестиот долгометражен игран филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, кој е автор и на сценариото.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија.

„Врба“ се состои од три испреплетени приказни за љубов и доверба – едната од македонското средновековие, другите современи – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба“ имаат слични грижи, радости и соништа.

„’Врба’ е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути“, вели режисерот Манчевски.

Главните улоги режисерот им ги довери на младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и на веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив, во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември и ќе се снима на локации во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зовиќ, на Трескавец, во Преспанскиот Регион и на разни локации во Скопје.

Во Крушевица за потребите на снимањето изградени се два филмски сета со автентични сценографски решенија во духот на времето што режисерот сака да го долови во филмот, а во Штавица ќе се користат веќе постојни ресурси со дополнително преуредување.

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг-директорка е Милка Анчевска.

Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Поминаа девет години откако нашиот најуспешен филмски режисер го сними својот последен македонски филм, наградуваниот „Мајки“. Во меѓувреме Манчевски работеше во Њујорк – „Бикини Мун“, неговиот последен филм кој во март годинава ја имаше македонската премиера, во американско-германска копродукција, без учество на Македонија.

Спонзорирано: