11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Ретроспективна изложба од Коста Клифов

Во петок 26.10.2018 во 18.30 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена ретроспективна изложба од Коста Клифов. Ќе бидат изложени 35 дела. Поддржана е со годишната програма од Министерството за култура.

Текст од Елица Николова
Коста Клифов, млад ликовен уметник, во екот на своето себепронаоѓање и етаблирање во уметничкиот свет, припремајќи ја својата трета самостојна изложба, ненадејно си замина од земниот свет, но зад себе оствари творештво од кое сега слободно можеме да реализираме и неколку изложби од веќе реализираните циклуси. Овој пат наместо неговата 3-та самостојна изложба во Прилеп, насловена „ Крајот почеток е нов почеток – почетокот е нов крај“, се реализира ретроспектива на неговото обемно творештво кое го остави зад себе, за да зборува за него, дела кои се своевидна мемориска порака на авторот, низ кои ќе го продолжи својот живот во времето што доаѓа. Затоа во овој краток осврт даваме акцент на неговите најзначајни циклуси што не значи дека во меѓувреме тој не творел и нешто друго, како што се неговите обиди во графиката со која експериментира во студентските денови и акварелот. Почетокот на неговото творештво е поврзано со човековото битие и битисување и неразделната врска меѓу животот и смртта. Неговиот прв циклус „Патишта“, од првата самостојна изложба наречена СВЕТ, веке низ експресионистичкото и симболичното ни го доловува своето длабоко филозовско, интимистичко поимање на светот. Во фокусот на неговиот интерес е пејсажот, но полн со некоја дискретна тајна, колористички згаснати бои, исполнети со неспокој и возбуда. Извесен лиризам, како во темите, пејзажно, интимистичко сликарство, така и во светлите бои во дел од сликите од својот втор циклус насловен „ Лица“, дела, колористички хармонизирани и озвучени со чисти интензивни тонови…но, истовремено сосем спротивно во истиот циклус се појавуваат слики со посилен контрастен колорит. Вљубен во светот во кој живее, но свесен за неговото несовршенство тој се осврнува во своите слики и на нечовечноста која владее во светот, војните, гладот, смртта, кои ги слика и преку својата поезија и преку своите ликовни дела, каде и почнува неговото еволуирање и процес на усовршување кон еден поедноставен, современ ликовен израз каде во еден момент соочуваќи се со стварноста, големо внимание посветува на надворешниот свет, посебно војните кои силно емотивно ги доживува, се спротиставува на нехуманоста, нечовечноста и како силен крик на негодување ги доживуваме неговите дела. По овој циклус тој се осамува и како низ една призма да го гледа светот кој се самоуништува и твори слики во кои мотивот е изместен од својата реалистичка рамка и е поместен во некоја чудна, амбивалентна симболистичка атмосфера, како во магискиот реализам, низ која се провлекуваат симболи на смртта и војната, представи на животни и птици, и преку продлабочено, луцидно, разоткривање на доживувањата со несекојдневна енергија и имагинарна моќ на еден вознемирувачки начин преставува убиства и самоубиства…смртта како неизбежен дел од човековото постоење е постојано во фокусот на неговиот интерес. Симболичниот наслов на втората самостојна изложба „Се отуѓувам од бесконечноста“ има еден сосем нов израз каде истражуваќи ги разните религии твори дела со асоцијативни антропоморфни форми со силни јаки, јасно одделени контрастни бои, како и дела во комбинирана техника со престави на религиски маски. За третата самостојна изложба идеите останаа само во скици, акварелни минијатури, но и од нив се согледува дека младиот уметник оди кон нешто ново за него, после импресионистички представени делови од архитектура, делови од сакрални објекти, пластични структури, во кои е доминантен колористичкиот акцент, во 2017г. експериментира со сосема апстрактни форми во контраст на ладни бои на позадина од светли тонови.

Биографија
Роден е во Велес во 1985, Факултет за ликовна уметност, Скопје, завршил во 2009 год. Изложби: Годишни изложби на ФЛУ, Скопје 2006-2009 Групна хуманитарна изложба Мала станица Скопје 2007 Групна изложба од Ликовна колонија „ Карпино 2008“ Ликовен салон Куманово 2009 Групна изложба од Ликовна колонија „ Карпино 2008“ Ликовен салон Велес 2009 Solo Online ehhibition “Atrocity of War” , 2011 Самостојна изложба „ Свет“ Ликовен салон Велес, 2013 Самостојна изложба „ Свет“ Библиотека Искра, Кочани, 2013 Групна изложба „Убавините на љубовта“ Ликовен салон Велес, 2013 Групна изложба од колонијата „ Скопје 2014“ Музеј на град Скопје 2014 Групна изложба „ Годишна изложба на ДЛУВ“ Ликовен салон велес, 2014 Експериментален цртеж „ДЛУМ“ 2015 Годишна изложба на „ДЛУМ“2015 Самостојна изложба 2 „Entfremdung von infinity” НУЦК„ Кочо Рацин“ Кичево Учествувал на неколку ликовни колонии Член на ДЛУВ и ДЛУМ.

Спонзорирано: