11.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Бредли Купер и Лејди Гага со љубовната приказна „Ѕвездата е родена“ во кино „Милениум“

Режисерското деби на актерот Бредли Купер, филмот „Ѕвездата е родена“, во кој главната улога ја толкува Лејди Гага се прикажува во 20 часот во кино „Милениум“. Покрај ова остварување за кое веќе се прогнозира дека ќе биде номиниранo за Оскар, на репертоарот се и хоророт „Ноќта на вештерките“, француската драма „Привидение“ и крими-филмот „Лоши времиња во Ел Ројал“. Додека само за викендите ќе може да се погледнат и цртаните „Луис и вонземјаните“ и „Смолфут“.

„Ѕвездата е родена“ е авторско дело на Бредли Купер. Тој го пишува сценариото, го режира остварувањето и во него игра. Филмот е направен според класичната приказна од 1937 година за трагичната љубов меѓу искусен музичар на залезот на кариерата и млада пејачка во подем. Филмот изобилува со оригинална музика, која ја напишал Купер, а сите песни во филмот се снимени во живо. Единаесетата хорор-приказна од франшизата „Ноќта на вештерките“ се прикажува во 22.30 часот, а главната улога повторно ја толкува Џејми Ли Кертис. Режисерот Дејвид Гордон Грин, на големото платно ја носи кулминацијата на приказната за Мајкл Маерс. Игнорирајќи го континуитетот на претходните продолженија, сега дејството е сместено 40 години откако Строд (Џејми Ли Кертис) на Ноќта на вештерките го избегна смртоносниот напад на човекот под бела маска.

Француската драма „Привидение“ игра во работните денови во 15 часот. Жак е новинар во престижен регионален весник во Франција. Неговото реноме како непристрасен истражувач го привлекува вниманието на Ватикан, од каде е повикан да оформи комитет за истражување на светата појава во едно село. Кога ќе стигне, ја запознава младата новинарка Ана, која вели дека е сведок на појавувањето на Богородица. Во филмот „Лоши времиња во Ел Ројал“ главните улоги ги толкуваат Џеф Бриџис, Џон Хем и Дакота Џонсон, а се прикажува во 17.30 часот. Дејството е сместено во хотелот Ел Ројал, во кој отседнуваат седум странци со мистериозни тајни. Во текот на една судбоносна ноќ, сите ќе имаат последна можност да се искупат, пред сѐ да отиде по ѓаволите.

За најмладите, викендот е одлична шанса да го погледна анимираниот филм „Луис и вонземјаните” кој се прикажува во 11 часот, а филмот зборува за едно 11-годишно момче кое се спријателува со три мали вонземјани чие НЛО се урива врз неговата куќа. Цртаниот „Смолфут“ каде гласовите ги позајмуваат Џејмс Корден и Ченинг Тејтум, на репертоарот e во 13.30 часот во сабота и недела. Станува збор за Јети кој е уверен дека суштествата наречени „луѓе“ навистина постојат.

Билетите за сите проекции во кино „Милениум“ чинат 150 денари.

Спонзорирано: