17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

140 средношколци од Битола учат за медиумска писменост

Во рамки на проектот „Тема за дилема“ денес во Битола започнаа да се реализираат работилници со средношколци од седум средни училишта од Битола.

Првата работилница беше реализирана со средношколците од ПСУ САБА – Битола кои покажаа голем интерес во текот на активностите кои беа предвидени во агендата.

,,Ни треба едуцирана младина којашто ќе знае што се крие зад секоја вест и како да се препознае вистинската“ – вели координаторот на проектот.

Живееме во ера на брза информација, но дали сме свесни дека живееме и во време во коешто често се манипулира со лажни вести и псевдоновости? Младиот човек треба да биде одлично едуциран за да може лесно да ги препознае лажните вести, тенденциозните информации, цензурата и самоцензурата на авторот. Само на овој начин младата личност ќе формира правилен став, самостојно ќе анализира и што е најважно ќе се изолира од манипулации, пропаганди и невистини. Работилниците предвидени во проектот „Тема за дилема“ предвидуваат медиумско описменување на битолските средношколци, проширување на нивното формално образование и најважно од сè зголемување на свеста во контекст на критичкото мислење и селекција на медиумските содржини“ – изјави Бисера Бијелиќ, координатор на проектот „Тема за дилема“.

Учесниците по завршувањето на работилницата си заминаа со позитивни импресии и медиумска поткованост. Велат дека во денешно време на секој му е потребна ваква едукација.

„Сметам дека секој треба да добие прилика за да учествува на ваква обука за медиумска писменост. Знаењето што го добив од обуката ќе ми користи во иднина“- вели Марија Деловска, ученичка во ПСУ САБA – Битола.

„Денешната работилница беше мошне интересна и едукативна. Научив многу нешта за кои некогаш сум слушнал, но не ми биле целосно јасни. Би сакал и во иднина да учествувам на вакви работилници“ – вели Никола Наумовски, ученик во ПСУ САБА – Битола.

На работилниците во рамки на проектот „Тема за дилема“ќе бидат едуцирани вкупно 140 средношколци.

Учениците имаа можност потемелно да се запознаат со медиумската писменост и критичкото мислење. Овој проект го реализира Здружението ГАНИМЕД од Битола со медиумскиот партнер ТВ21 и е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии. Проектот е финансиран од Европска Унија.

Главни цели на проектот се поттикнување на култура на критичко размислување преку едукација на средношколците за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности кон кои се стреми нашето општество, пошироко медиумско описменување на средношколците надвор од формалното образование, воспоставување на одбележување на Неделата на медиумска писменост од 5 до 9 ноември во средните училишта секоја година, зголемување на капацитетот на здружението и на медиумот вклучен во проектот за справување со медиумски манипулации преку подобрувањето на медиумската писменост во соработка со средните училишта.

Спонзорирано: