23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Влада: Договорот е склучен пред три години кога Анѓушев не беше на функција

Договорот за концесија е склучен пред три години, државата има обврска да доделува земјиште под закуп за сите хидроцентрали. Вака Владата ги коментира обвинувањата изнесени на прес-конференцијата на портпаролот на ВMРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој обвини дека премиерот Заев на вицепремиерот Анѓушев му отстапил 7 105 квадратни метри земјиште по пат на непосредна спогодба.

Владата информира дека договорот за концесија во овој случај бил склучен на 4 мај во 2015 година, за тендерска постапка објавена во 2014 година, односно во време кога Кочо Анѓушев не бил на никаква позиција, односно не бил заменик-претседател на Владата на Република Македонија.

„Се работи за изнесување неточни информации преку кои се прави обид да се наруши угледот на Владата, на претседателот на Владата, Зоран Заев, и заменикот на претседателот на Владата, Кочо Анѓушев. Во Македонија во изминатите 10 години за секоја мала хидроцентрала изградена на државно земјиште се потпишува договор за долготраен закуп. Имајќи предвид дека до сега се изградени над 60 мали хидроцентрали по пат на концесија, значи дека потпишани се над 60 вакви договори за долготраен закуп. Што значи, ништо незаконски и ништо екслузивно не се случило со донесувањето на одлуката за долготраен закуп, туку само се следени строго дефинираните обврски од договорот за концесија и законската регулатива во Република Македонија“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ знае оти во дел од овие мали хидрелектрани сопственост има и актуелниот претседател на нивната партија, Христијан Мицковски, а договорите за долготраен закуп биле потпишани додека тој бил дел од Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Од Владата велат дека согласно со строго дефинираните обврски од договорите за концесија, доделувањето на одлука за долготраен закуп на државно земјиште е право со кое се стекнува секој концесионер, во случајот МХЕ „Тополки“ ДОО Скопје, кој има потпишано Договор за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали и е строго законска одлука, која не трпи волунтаризам туку мора да се спроведе.

Спонзорирано: