3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левица најави антивладини протести

Политичката партија „Левица“ најави дека во иднина се враќа на улиците и ќе ги искористи сите парламентарни и вонпарламентарни начини на политичка борба, со цел, како што вели, враќање на киднапираниот суверенитет на народот.

„Обзнануваме дека во секоја наредна фаза на гласањето на контроверзните уставни промени ќе бидат организирани масовни антивладини простести под мотото #НароднаСамоодбрана, пред законодавниот дом, во кој седат гробарите на АСНОМска Македонија. Секојдневни радикални политички акции, во координација со сите засегнати политички чинители кои се против промена на уставното име, ќе бидат систематски преземани низ територијата на целата Република“, најави „Левица“.

Од партијата додаваат дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повеќе не се легитимни да одлучуваат за промена на уставното име на Републиката спротивно на народната волја искажана на референдумот и поради тоа повикуваат на масовен граѓански отпор и исполнување на нивните барања.

„Бараме безусловно суспендирање на противуставната и илегална владина иницијатива за промена на Уставот на РМ и поништување на отфрлениот т.н. „Преспански договор“; Итно распуштање на парламентот и закажување на предвремени парламентарни избори; Формирање преодна техничка влада со ограничен мандат единствено за спроведување фер и демократски избори“, гласат барањата на политичката партија.

Левица смета дека повеќе нема смисла да се повикува на владеење на правото и утврдените стандарди и процедури, оти, како што велат, власта со политичките противници се справува користејќи го апаратот на државната принуда и репресија.