9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
МАКЕДОНИЈА

ЕСЕ: Државните болници не добиле над 118 милиони денари за породувањата во изминатите 5 години

Јавните здравствени установи во периодот од 2013 до 2017 година не добиле 118.623.767 денари поради неисплатената партиципација за породувања од страна на Министерството за здравство. Министерството во период од пет години не обезбедило средства за партиципација за 48% од породувањата во јавните здравствени установи. Тоа значи дека здравствените установи извршуваат здравствени услуги за кои не добиваат средства за партиципација. Ваквата пракса на Програмата негативно се одразува врз работата на јавните здравствени установи, врз состојбата во породилиштата и врз квалитетот на здравствените услуги во истите, се вели во анализата на Здружението ЕСЕ.

Тие бараат веднаш да се усвојат измени на Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2018 година, со цел да се одвојат дополнителни средства во износ од 17 780.000 денари, за да се покрие партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи во 2018 година.

,,Со буџетот за 2018 година се предвидени средства во износ од 11.250.000 денари за партиципација за неоперативни породувања и средства во износ од 14 700.000 денари за партиципација за оперативни породувања. Под претпоставка дека во 2018 година ќе има приближен број на породувања како во 2017 година, со Програмата за 2018 година повторно нема доволно средства за партиципација за сите породувања, односно претпоставката е дека во 2018 година нема да биде исплатена партиципација за околу 2 800 неоперативни породувања и за околу 3 400 оперативни породувања”, се вели во соопштението.

Според анализата на ЕСЕ, во 2017 година на јавните здравствени установи не им е покриена партиципацијата за 30% од неоперативните породувања и за 59% од оперативните породувања, а во Програмата за партиципација за 2018 година нема посебна буџетска ставка за покривање неизмирени обврски од 2017 година.

Во буџетот на Програмата за партиципација, Владата предвидува покривање на партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи. Притоа одвојува 1 250 денари за партиципацијата за едно неоперативно породување, додека за едно оперативно породување (царски рез) одвојува 4 200 денари.

Спонзорирано: