Марин: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за објект кај „Мајчин дом“, а сега се против изградбата

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, на денешната вонредна седница на Советот посветена на градбата кај „Мајчин дом“ истакна дека голем дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои во 2017 година го изгласале Деталниот урбанистички план со кој се одобрува изградба на деветкатницата, сега се најгласни во противење за истото.

„Ако сте против изградба на деветкатница и сте со граѓаните, кога се носеше ДУП-от ќе бевте доле со сите нас“, им порача Марин на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Марин во своето излагање хронолошки го опиша процесот како советниците од ВМРО-ДПМНЕ на чело со тогашниот градоначалник Ивица Коневски без присуство на опозициските советници го изгласале спорниот ДУП.

Марин повтори дека е јасно против изградба на каков било објект на парцелата кај „Мајчин дом“, но дека е противзаконски да не се издаде дозвола за градба доколку ДУП-от е веќе донесен.

Виктор Јованов

(Makfax)