9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов: Предците ни оставија завет достојно и гордо да го чуваме ова парче земја

Претседателот на Република Македонија упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, во која апелира да се почитува, како што вели, заветот оставен од предците, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме.

Иванов во честитката наведува дека вооруженото востание против фашистичкиот окупатор, започнато на 11 октомври 1941 година, донело слобода и остварување на сонот за формирање на македонска држава.

„11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија“, истакнува претседателот.

Тој додава и дека Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и, како што вели, со овие вредности нема правење компромиси.

„Обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата“, посочува Иванов.

Спонзорирано: