За папата Франциско, абортусот е како ангажирање платен убиец

Папата Франциско го спореди денес абортусот со ангажирање платен убиец, пренесува „Локал“.

„Прекинот на бременоста е како убивање некого. Ослободувањето од едно човечко суштество е како да сте ангажирале платен убиец за да се реши проблемот. Праведно ли е да му препуштите на еден платен убиец да решава проблем?“, рече папата Франциско во неделното обраќање до верниците на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Во своето обраќање аргентинскиот папа се пожали поради девалвирањето на човечкиот живот наведувајќи ги тука војните, експлоатацијата, како и абортусот.

„Како може чин што го потиснува невиниот живот да биде терапевтски, цивилизиран или дури и човечки?“, праша тој.

Папата Франциско годинава се спротивстави на законот со кој ќе се легализира абортусот во Аргентина. Во август група за кампања рече дека илјадници аргентински католици се откажале од своето членство во црквата за да протестираат против неговото противење на законот.