4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ возврати на писмото: Нема да има амнестија за Груевски

Христијан Мицкоски останува сам на браникот на криминалите на Груевски, амнестија нема да има, Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО, порача преку соопштение Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, по отвореното писмо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, до премиерот Зоран Заев.

„Мицкоски повторно зборува со гласот на Груевски, во обид самиот да се дообјасни. На граѓаните им е јасно што сака Мицкоски: прво, Македонија да му овозможи амнестија на Никола Груевски и второ, Македонија да се откаже од НАТО и ЕУ, да се откаже од врвните стратешки интереси. Нема потреба Христијан Мицкоски да се дообјаснува, ниту едното ниту другото нема да се случи, нека не се надева напразно“, се наведува во соопштението на владејачката партија.

СДСМ понатаму додава дека огромно мнозинство од над 80 проценти од граѓаните се за НАТО и ЕУ и оваа стратешката определба на Македонија од врвен државен интерес мора да биде почитувана.

Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, велат социјалдемократите, по секоја цена се обидат да ја блокираат иднината, тогаш единствен излез се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш.