Заев сè уште не ги поканил пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на средба, Мицкоски се сретнал со Ахмети

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера оствариле средба, каде што се разговарало за излез од актуелната ситуција, потврди Артан Груби за „Макфакс“. Груби вели дека на средбата се разговарало и за евентуалното гласање за уставните измени во Собранието. Партиски извори од штабот на ДУИ велат дека Ахмети сè уште има надеж дека ќе ги убеди опозициските пратеници да ги поддржат уставните промени со гласање во Собранието.

„Лидерите разговарале за тоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени кои ги налага договорот со Грција. Тие се легитимни пратеници и треба да го направат тоа“, изјави Груби за „Макфакс“.

Покрај средбата Мицкоски-Ахмети, вчера и премиерот Зоран Заев најави средби со пратениците. Сепак, Даниела Рангелова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Макфакс“ дека до сега никој не ја исконтактирал нивната пратеничка група за да договори средба.

„Дегутантно е да се разговара. Зошто би се среќавале за нешто што е веќе апсолвирано?“, прашува Рангелова, потсетувајќи дека нивниот став е дека нема да поддржат уставни измени со цел промена на уставното име.

Опцијата за предвремени избори е извесна, но не и посакувана за Ахмети, велат од ДУИ за „Макфакс“ и додаваат дека во партијата веќе разгледуваат варијанти како најдобро би минале на изборите, самостојно, во коалиција со СДСМ, во коалиција со Европски предзнак или заедно со сите партии од албанскиот политички блок. Секоја од опциите за Ахмети има предности и маани и затоа е упорноста, работата да се заврши во Законодавниот дом.

Доколку изборниот ден биде последната недела од ноември, тогаш наредната среда Собранието треба да изгласа одлука за нивно распуштање. За донесување на одлуката е потребно апсолутно мнозинство или 61 позитивен глас.

(Makfax)

Во тренд…