4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Австралија бележи рекордно ниски бројки на жени заболени од рак на матка

Ракот на грлото на матката во наредните две години ќе премине во категоријата „ретки болести“ во Австралија, а до 2028 се очекува комплетно да се елиминира како проблем на јавното здравство за првпат во светот.

Деталите за овие нови предвидувања се дел од последното истражување на магазинот за јавно здравство „Лансет“. Според истражувањето, во светски рамки оваа болест ќе биде причина за повеќе од 310.000 смртни случаи годишно, но Австралија се чини дека е на чекор од сценариото во кое ракот на грлото на матката ќе замине во историјата.

Позитивните предвидувања главно се должат програмата за примање на вакцината ХПВ (хуман папилома вирус) за децата во училиште, а клучните промени започнаа во 1991 со воведување на програмата за пап-брисови.

Десетици години подоцна, бројката на жени заболени од овој вид на рак опадна за 50 отсто, поради раното откривање на абнормални промени.

Инциденцата на рак на грло на матката во Австралија во моментов изнесува седум случаи на 100.000 лица, што е половина од просекот во светски рамки.

Според Советот за рак на Австралија, најголемите промени допрва ќе се случуваат бидејќи првите приматели на ХПВ-вакцината се во нивните триесетти години.

За околу две години, ракот на грлото на матката официјално ќе стане ретка болест во Австралија, со шест нови случаи на 100.000 жени годишно.

Ако продолжи актуелната практика, болеста ќе биде скоро непостоечка до 2066, со само еден случај на 100.000 лица. До 2100 овој тип на рак ќе биде причина за само три смртни случаи во еден милион жени (во споредба со 21 случај во еден милион жени, или 260 смртни случаи годишно во моментов).