15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Продолжуваме со реформите, заедно со стручната јавност најдоцна до 15 ноември ќе го дефинираме моделот за реформа на УБК

Денеска на седницата на Владата ќе предложам информација за процесот на реформа со кој во следниот период ќе го избереме моделот по кој ќе се одвива реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање, во која ќе ги образложам причините за потребата од ваквата реформа, со предлог во претстојниот период Министерството за внатрешни работи да оддржи повеќе консултации и дебати со релевантни општествени чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел за реформа, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски.
https://youtu.be/diEW31N04Ikm
-Изминатиов период Министерството за внатрешни работи започна неколку реформски проекти кои имаа за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава, а и во наредниот период продолжуваме интензивно со овие процеси. Реформските процеси се водат во оние области кои во извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации беа оценети како најкритични и како области во кои Министерството бележи негативни референци- рече Спасовски.

Станува збор , рече министерот Спасовски, за области кои се најсуштествени во ова министерство и кои се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните, а една од нив е безбедносно-разузнавачкиот сектор.

-Злоупотребата на овие служби, особено на Управата за безбедност и контраразузнавање предизвикаа сериозна политичка криза во нашата земја и го нарушија угледот на демократијата. Пред една година започнавме со реформа на системот на следењето на комуникациите, кој во извештајот на експертската група беше посочен како клучен инструмент за злоупотреба и незаконско дејствување од страна на тогашните носители на власт. Реформата успешно се спроведува, се превземаат сите оперативни и логистички активности и согласно Законот за следење на комуникациите, новиот систем ќе започне со работа не подоцна од 1 ноември оваа година- рече Спасовски.

Оваа реформа, потенцира Спасовски, е дел од сеопфатната задача да се реформира безбедносно-разузнавачкиот сектор, што всушност претставува чувствителна и темелна реформа.

-Безбедносно-разузнавачкиот сектор е суштинскиот механизам за заштитата на државата и граѓаните од негативните влијанија и им овозможува на институциите на државата да се справуваат со глобалните безбедносни закани и ризици. Геостратешките политики и интереси влијаат на стабилноста на државата и нивното правилно следење ја јакне позицијата и дејствувањето на државата. Безбедносните закани и ризици во светот се под постојана промена и влијание на различни интересни групи, а Република Македонија со својата положба не е заобиколена- рече Спасовски.

Членството во Европската унија и НАТО подразбира постоење на служби кои ќе бидат рамноправни со своите колеги од земјите сојузнички. А тоа може да се случи единствено преку сеопфатна реформа.

-Токму и затоа го продолжуваме процесот на реформа и во следниот период ќе го избереме моделот по кој ќе се одвива реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Денеска на седницата на Владата ќе предложам информација, во која ќе ги образложам причините за потребата од ваквата реформа, со предлог во претстојниот период министерството за внатрешни работи да оддржи повеќе консултации и дебати со релевантни општествени чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел за реформа. Овој консултативен процес ќе го води работна група, која ќе се формира со претставници од надлежните државни институции, но и со претставници од академската област, како и граѓанското општество. Нашите очекувања се дека овој консултативен процес треба да се одвива во текот на месец окотмври и да заврши не подоцна од 15 ноември. Потоа, на Владата ќе и се соопштат наодите од консултациите и ќе се донесе одлука за моделот. Оваа одлука ќе биде проследена и со соодветен акциски план, кој ќе содржи мерки и активности за реформата на овој сектор. Целта на оваа реформа е да добиеме служба која ќе се темели на високи професионални стандарди, воспоставување и почитување на етички кодекс и современи методи на работа и дејствување. Оваа служба мора да биде заштитена од негативни политички влијанија и нејзина единствена задача и должност ќе биде да ги штити и да ја гарантира безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните- рече Спасовски.

Директорот на УБК Горан Николовски рече дека како човек кој многу години работи во безбедносните служби е задоволен од одлуката за реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање, како дел од безбедносно-разузнавачкиот сектор.

-Почнуваме консултативен процес со сите општествени чинители, но и ја продолжуваме досегашната успешна соработка со нашите стратешки партнерски служби. На крајот од овој процес, како професионалец ќе бидам задоволен затоа што верувам дека ќе успееме да одбереме модел кој ќе гарантира професионална и департизирана служба, која ќе биде доволно транспаретна во својата работа, но и ќе успее да ги заштити интересите на државата и да работи во интерес на граѓаните. Во периодот што претстои ви најавуваме повеќе средби и за секоја активноста од консултативниот процес ќе ве информираме соодветно-рече Николовски.

Спонзорирано: