14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(Видео) Како ќе изгледаат тунелите под Калето и новиот мост со кој ќе се спојат двете страни на Скопје

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот градежен зафат „Тунелите под Кале“.

„Со подземни тунели под Калето и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје. Повеќето од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот. Продолжувањето на булеварот Свети Климент Охридски со мост над реката Вардар, со тунел под скопското Кале и поврзувањето со булеварот Никола Карев (пластичарската улица), ќе ја зголемат мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава“, рече Шилегов.

Според одредени анализи, секојдневно на мостот „Гоце Делчев“ транзитираат 80-90 илјади возила. Но, со ова решение, според Шилегов, ќе се растовари сообраќајот во западниот дел од градското подрачје. Оската југ-запад ќе стане пофункционална, а се очекува повеќето од возилата што транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница.

Целта на Град Скопје со овој проект е да го поврзе булеварот Свети Климент Охридски со пластичарската улица во Чаир. Булеварот ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар, кој ќе биде долг 173, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето.

Скопје првпат ќе добие тунел долг 250 метри, а широк 20 метри. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над пластичарската улица.

Со овој проект, рече Шилегов, Град Скопје го оформува вториот сообраќаен прстен во метрополата. Тоа ќе овозможи брз влез и излез на возилата од центарот и од северната страна на градот. Рутата ќе ја користат и автобусите на јавниот превоз.

„Со проектот ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит-пазар, „Цветан Димов“ и на мостот „Гоце Делчев“. До саканата дестинација ќе се стига најмалку од 5 до 20 минути побргу за разлика од сега. Тоа придонесува за заштеда на време и гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје“, нагласи денеска градоначалникот Шилегов.

Спонзорирано: