13.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДОМ: Сопствениците на домашни миленичиња треба да плаќаат соодветен надоместок

Според ДОМ, проблемот со бездомните кучиња во Скопје не може да го реши само градската управа.

„По јавно искажаните заложби на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за решавање на проблемите со бездомните кучиња, ДОМ му дава поддршка со неколку конкретни сугестии. Тие се базираат на консултации со стручни лица и претставници од граѓански асоцијации за заштита на животни, посебно со „Анима мунди“, со кои имаме соработувано и на законската регулатива.
Прво, ова не е проблем само на Скопје и не може да го реши сама градската управа. Бездомните кучиња може да се решат само со интерсекторска соработка на Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, ЗЕЛС, Агенцијата за храна и ветеринарство, Ветеринарната комора, Кинолошкиот сојуз и организациите за заштита на животните. Сите заедно, треба да изградат одржлива политика за справување со бездомните кучиња“, велат од партијата.

Според ДОМ, Законот за благосостојба на животните не се спроведува во целост, а некои одредби треба да се преиспитаат низ јавна расправа и можеби да се променат.

„Мора да дојдеме до одговорно сопствеништво на миленици, со ограничување на неконтролираното размножување и со следење на патот на новородените единки. Ако се знае дека една единка двапати годишно може да продуцира 6-10 кученца, не треба да чуди огромната бројка од 6 до 8.000 бездомни кучиња само на скопските улици. Не постои стационар што може да ги згрижи. Се разбира, во секој момент ја имаме на ум обврската за хуман третман и стерилизација. Трето, оние сопственици што сакаат да имаат домашно милениче и да го размножуваат, треба да се регистрираат како одгледувачи, со плаќање соодветен надоместок. Со оглед на веќе драматичните димензии на проблемот, треба да се размисли можеби и за привремен мораториум за купување кучиња и понуда на оние што немаат дом“, предлага ДОМ.

Според партијата, моделот што ќе се избере треба да добие соодветна ставка и во државниот буџет и во локалните буџети. „Сè на сè, ќе бидат потребни најмалку пет години за да се реши овој проблем, но треба да се почне веднаш. Постојат многу успешни модели во Германија, Данска, Шведска, Словенија и во други земји, кои може да послужат како патоказ“, велат од ДОМ.

Спонзорирано: