11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев-Пенс: Вашингтон ја споделува визијата на Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска во Вашингтон се сретна со потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс.

Како што соопштија од Владата, на средбата во Белата Куќа, која дојде на покана на потпретседателот Пенс, премиерот Заев истакна дека оваа можност доаѓа во клучен историски момент за нашата земја.

„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев го запозна потпретседателот Пенс за активностите за спроведувањето на референдумот на 30 септември, како чекор кој ќе ја потврди иднината нанашата земја во најмоќните сојузи НАТО и ЕУ, и дека во таа насока, тој ги повика сите политички лидери, вклучувајќи ја и опозицијата, да се вградат во таа иднина. Премиерот Заев за време на разговорот рече дека Република Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО, и дека граѓаните на нашата земја препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел, ќе се преточи во протокол за пристапување и со процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година“, се вели во соопштението.

Заев истакнал дека столчето во НАТО, кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност за нашата земја уште на почетокот на идната година, го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.

Пенс на средбата пренел пораки и од претседателот на САД, Доналд Трамп, за поддршката на Вашингтон за, како што се вели во соопштението, покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

„Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата Куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ“, пишува во соопштението.

Заев и Пенс разговарале за можноста заеднички да биде прославен приемот на нашата земја во НАТО наредната година, кој, како што се вели во соопштението, станува реалност со спогодбата со Грција.

Спонзорирано: