9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Со НАТО добиваме траен мир, безбедност, стабилност, сигурност и економски просперитет

„Со НАТО, почитувани граѓани, добиваме траен мир, безбедност, слобода, стабилност, сигурност.

Да не ве потсетувам на мајките што губеа деца на бојните полиња. И во НОБ и во конфликтот паднаа човечки животи.

Треба да знаат сите мајки и татковци – со НАТО добиваме траен мир. Никогаш повеќе војна во Македонија. Тоа е огромна придобивка, мирно да спиеме. Нашите деца и внуци никогаш повеќе во војна затоа што членот 5 од НАТО вели ако една земја членка е нападната, тоа значи дека сите земји на НАТО се нападнати“, порача претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на граѓанската трибина на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во Струга.

Тој рече дека силно верува во нашиот европски народ кој секогаш носел храбри историски одлуки, како што е и референдумската одлука на 30 септември, со која се испишува новата современа историја на нашата земја.

„Денеска дојде секретарот за одбрана на САД, Матис, и тоа ни го кажува. 29 земји членки на НАТО ќе ве штитат вас како 30-та земја членка. И зборува јавно кои се вредностите од придобивките на НАТО. Но, на крајот, НАТО носи и економија, носи инвестиции, и домашни и странски, и повисоки плати и нови работни места за граѓаните“, зборуваше премиерот Заев пред стружани.

Зборувајќи за придобивките што ги почувствувале земјите од членството во НАТО, премиерот Заев рече дека во Бугарија странските директни инвестиции се зголемиле 4 пати по зачленувањето во НАТО, во Романија и Бугарија процентот на невработеност од 17 отсто паднал на 5,3 отсто и во таа насока тој потенцира дека НАТО носи подобар економски стандард.

„Европската Унија носи европски вредности. Кога се бореше нашата репрезентација на чело со Наумче, велевме да влеземе во Европа. Да се избориме за Европа и шампиони да станеме, тоа е целта. Ама и секој клуб не мора да е репрезентација, главна цел му е, ако не шампиони, ако може во Европа да влеземе. Граѓанските организации и лекции ни држеа нам политичарите 27 години за вредностите на ЕУ. Јас и многу политичари од нив ги знаеме тие вредности на ЕУ и затоа денеска тежнееме да ги исполниме. Но, на крајот, ЕУ и НАТО носат повисок економски стандард, мотивирачки и квалитетни плати за да ни останат младите тука, носат владеење на правото, сигурност и безбедност“, порача премиерот Заев на граѓанската трибина во Струга.

Пред граѓаните на Струга свое обраќање имаше и ракометниот великан и стружанец Наумче Мојсоски, кој рече дека важно е да се гласа „за“ на референдумот за конечно нашата земја да не биде претставувана во светот под привремената референцата БЈРМ или ФИРОМ и спортистите, конечно, да добијат еднаков третман и можности за развој на своите кариерите во Европа.

Пред стружани се обратија и пратеникот во Собранието на Република Македонија, Јован Митрески, и политичкиот аналитичар Алберт Хани, кои зборуваа за важноста на историската одлука пред која се исправени граѓаните и за неопходноста од членство на земјата во Европската Унија и НАТО.

Спонзорирано: