20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

Пресврт пред референдумот? По средбата со Матис, Иванов веќе не го критикува Договорот од Преспа?!

Пресврт во вокабуларот на македонскиот претседател или случаен пропуст? Во соопштението од средбата со американскиот министер за одбрана на претседателскиот кабинет недостасува ставот контра Договорот од Преспа.

Со недели наназад при речиси секоја средба на македонскиот претседател Ѓорге Иванов со странски државници во соопштенијата на неговиот кабинет доминираше една реченица која, парафразирано, гласеше: јас сум за НАТО и ЕУ, но Договорот од Преспа е неприфатлив. Случајно или не, таква формулација, дури и споменување на референдумот или на Преспанскиот договор, отсуствуваат од соопштението од денешната средба со високиот американски гостин Џејмс Матис.

На прес-конференцијата во владата со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, самиот Матис рече дека со нетрпение го очекува состанокот со Иванов. Поради самата природа на посетата на американскиот секретар за одбрана, односно неговиот апел за успех на референдумот, тешко е да се поверува дека на состанокот со шефот на државата воопшто не станало збор токму за темата за која беше дојден гостинот од САД- референдумот.

За илустрација, ова е изјавата на Иванов на средбата со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини минатата недела:

„Мојот став е непроменет. Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата. Ho, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат“.

По средбата со Матис, од соопштението на Иванов ставот е нешто поразличен.

Накусо, во штурото соопштение се наведува дека „македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион“. Потоа следуваат и цела низа формални заложби за зацврстување на стратешкото партнерство со САД и благодарност за поддршката од Вашингтон. Ниту збор за Преспанскиот договор или за претстојниот референдум.

На состанокот меѓу Иванов и Матис немало надворешни претставници, т.е. присутни биле само членови на нивните кабинети. По состанокот со Иванов, американскиот министер ја напушти земјата.

Претходно тој им оддаде поддршка на сите што се залагаат за успешен исход на референдумот на 30 септември со што, како што рече, граѓаните на Македонија ќе направат уште еден голем историски чекор.

Извор: Дојче веле

Спонзорирано: