За низок притисок помагаат течности, за висок медитеранска храна

Со промената на временските услови и спарнината доаѓа до ширење на крвните садови што доведува до влошување на симптомите на нискиот крвен притисок. Тоа се вртоглавица, заматен вид, неправилна работа на срцето или прескокнување, жед, краток здив, студена испотена и бледа кожа, па дури и паѓање во несвест.

Во поголемиот број случаи нискиот притисок што се јавува кај здрави и млади луѓе не е нешто загрижувачко, освен ако не е последица на некоја болест или лекови.

За да избегнете намалување на крвниот притисок не треба да стоите долго време на едно место, особено не на сонце. Водете сметка да не правите нагли потези, како и да внесувате што повеќе течности.

Во текот на топлите денови најзагрозени се луѓето со низок притисок, но и лицата со висок притисок треба да внимаваат. Високиот притисок е поопасен од нискиот затоа што го зголемува ризикот од срцеви болести, инфаркт и откажување на бубрезите, но проблемите се појавуваат почесто во текот на зимскиот период кога крвните садови поради студот се стеснуваат, па нивната проодност се намалува, што го зголемува притисокот.

Симптоми на висок притисок може да бидат вртоглавица, болка во главата, односно вратот, како и чувство на тежина во градниот кош и брзо заморување. Еден од симптомите на висок крвен притисок може да биде и нарушување на видот и тоа може да доведе до мозочен удар.

За регулирање на високиот крвен притисок освен лековите, и храната може да има важна улога. Луѓето со висок крвен притисок треба да внесуваат што повеќе овошје и зеленчук, риба и што помалку црвено месо.