Компании членки на германската трговска асоцијација БМЕ на годинешнава конференција Macedonia Manufacturing Expo

На 18 септември во организирана од Асоцијацијата на металната и електро индустријата во Македонија (МАМЕИ) ќе се одржи Конференција Macedonia Manufacturing Expo, за компаниите од оваа индустрија. Целта на конференцијата е обединување на компаниите од овие сектори и бизнис услуги и поддршка за нивниот развој, поврзување на бизнисите, зголемување на меѓусебната соработка, обезбедување заеднички настап на домашни и странски Б2Б настани и саемски претставувања, како и организирање подобро позиционирање на компаниите пред странските инвеститори.

„Металната и електро индустријата e една од позначајните индустриски гранки во Македонија, со голем придонес во индустриското производство и економијата во целина. Во овие области делуваат речиси 1300 стопански субјекти чие производство во огромен дел е наменето за извоз. Сепак, и покрај позитивните резултати, компаниите од овие сектори имаат капацитет за уште поголем раст, но за да го постигнат тоа потребно им е да најдат партнери на кои им се потребни нивните производи. Односно, потребна им е помош за воспоставување нови контакти и за спојување со странските компании. Токму со таа цел и ја организираме конференцијата Macedonian Manufacturing Expo, годинава по вторпат, на која компаниите кои својот развој го гледаат на странските пазари, добиваат можност за нови контакти, директни средби и склучување нови зделки“, вели Марта Наумовска Грнарова, Претседател на Асоцијацијата на метална и електроиндустрија (МАМЕИ).

Таа објаснува дека позитивните резултати од првата конференција Macedonian Manufacturing Expo на која учествуваа повеќе од 50 компании и во рамките на која беа организирани над 140 директни Б2Б средби меѓу домашни и странски компании, дадоа поттик за организирање нова конференција.

„Многу од странските компании како и странските инвеститори кои учествуваа на претходната конференција најдоа нови добавувачи за што сведочи и повторното учество на повеќето од нив и на годинешнава конференција, како на Сименс, Макита и други. Со организирањето на конференцијата во Македонија и привлекувањето на странските компании тука, македонските компании добиваат можност за директни средби, претставување и посета на нивните фабрики од страна на потенцијалните странски партнери“, додава Наумовска Грнарова.

Годинава на Macedonian Manufacturing Expo се очекува учество на 75 домашни и странски компании од овие области, а нов позитивен момент е соработката која МАМЕИ ја воспостави со Германската асоцијација за набавка, логистика и менаџирање на добавувачки ланци (БМЕ) поради што на конференцијата е најавено учество на голем број компании кои се нејзини членки.

„БМЕ е една од најзначајните трговски асоцијации, не само во Германија, туку и пошироко бидејќи делува во 38 региони во Европа во светот. Таа има над 9000 индивидуални и корпоративни членки и годишен капацитет за набавки од 1,25 трилиони евра. Токму затоа на годинешнава конференција македонските претприемачи од металната и електро индустријата ќе добијат можност да се сретнат со претставници на индустрии и бизниси, логистички менаџери и експерти за ланци на добавување од Германија што може да биде непроценливо за нивниот понатамошен развој и секако на економијата на земјата во целина“, вели Наумовска Грнарова.

Германската асоцијација БME инаку на својата официјална веб страница веќе ја најави конференцијата Macedonia Manufacturing Expo во Скопје како следен B2B настан за своите членки заинтересирани за соработка со македонски компании.

Дека потенцијалот на македонските компании не е доволно искористен и дека има простор за уште поголема соработка со странски компании, односно создавање можност за излегување на многу компании надвор од локалниот пазар, се согласува и експертската јавност. Според Сашо Арсов, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, со поголема соработка со странски партнери, не само што ќе се зголеми извозот, туку домашните компании ќе стекнуваат искуства за начинот на надградба на своите производствени способности, за унапредување на производството, примена на нови технологии како и за начинот на кој соодветно ќе ги развиваат човечките ресурси. Со тоа тие ќе станат поконкурентни и усогласени со меѓународни стандарди и процедури, што за возврат резултира со поголем профит и максимално искористување на капацитетите. Комуницирањето со партнери од економија каква што е германската ќе прдонесе за создавање производи со повисока додадена вредност, што има директно поволно влијание врз економскиот раст и развој на нашата земја.


„Со 1,45 милијарди евра годишен извоз што преставува 19 отсто од вкупниот извоз на државата, компаниите од металопреработувачка индустрија имаат исклучително значење за домашната економија.

Организирањето на ваков настан секако е од суштинска важност затоа што досега тие во главно сами се обидуваа да остварат соработка со странски компании. Присуството на конференцијата всушност го дава првиот чекор за спојување со потенцијален партнер од што може да се развие нова соработка или да се отвори нов пазар. Ваквите настани овозможуваат да се искористат и комплементарните можности, односно соработката да се воспостави со цела група домашни и странски партнери, што секако не е можно при индивидуалните контакти. Како сектор каде што производите се, пред сè, наменети за извоз, соработката со странски компании е предуслов за раст и развој на домашните компании и поголем извоз“, вели Арсов.
Според него, од исклучително значење е остварената соработка со трговски асоцијации каква што е германската БМЕ бидејќи истата има огромен број членки. Особено што Германија е наш најголем трговски партнер, со кој лани имавме трговска размена од 3,2 милијарди евра, така што е сигурно дека претстојната Macedonia Manufacturing Expo ќе резултира со нови соработки и партнерства, нови договори и поголем извоз. Германија е и светски технолошки лидер, така што можеме да бидеме навистина среќни што нашите компании влегуваат во оваа соработка токму со партнери од кои може многу да се научи.

Македонските компании, посебно оние што учествуваа и на претходната Macedonia Manufacturing Expo знаејќи ги придобивките од истата со заинтересираност го очекуваат и годинешниот настап што досега ветува големи можности посебно во делот на пласман на странски пазари и поврзување со надворешни партнери.