21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пресврт во пресрет на историскиот референдум: Високи функционери поставени од ВМРО ДПМНЕ го поддржаа референдумот

Основачи и поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ повикаа да се гласа на референдумот на 30 септември. Во писмото испратено до јавноста, тие пишуваат дека претстојниот референдум е продолжение на првиот од 8-ми септември 1991 и со него ќе се заврши конечното меѓународно етаблирање на Македонија.

„Помина повеќе од четвртина век од независноста на Македонија. Картите кои ги држевме во рака на почетокот и со кои се гордеевме како „единствена Република која прогласи независност без војна“ избледеа, исто како и доктрината „времето работи за нас“. Се’ уште сме надвор од големите Сојузи во овој дел на светот, и покрај билатералните признавања од 137 земји, меѓу кои и најголемите, нашиот македонски јазик не фигурира на ниеден начин во Европската Унија. И ниедна од тие земји на меѓународен план не го користи нашето уставно име. Напротив, земји кои не’ признале со уставното име настојчиво ни’ сугерираат да се усогласиме со соседите.

Ние, потписниците на ова писмо, кои имавме среќа да учествуваме во поставувањето на темелите на нашата независна држава, следејќи ја политичката состојба во земјата спроти народното изјаснување на референдумот за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција – длабоко сме свесни за историската важност на крстопатот пред кој сме исправени. Да внимаваме да не направиме грешка НИЕ САМИТЕ! Да се потсетиме која беше целта, идеалот што ги водеше нашите херои – саможртви низ историјата. Кој е аманетот што ни’ го оставија? Слободна, рамноправна и призната од сите ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА! Затоа се гордееме што се изборивме да ни’ биде понудена и европска и евроатланска интеграција како на кредибилен партнер и сојузник. Тоа беше нашиот сон, кога во утрото на независна Rепублика Македонија се деклариравме за зачленување во НАТО и ЕУ, сметајќи дека тие интеграции го гарантираат опстојувањето и просперитетот на джавата Македонија.

Договорите со Бугарија и со Грција за Македонија значат нејзина промоција во рамноправна сосетка и членка на НАТО и ЕУ, со регионално и меѓународно ПРИЗНАТ македонски идентитет и јазик.

На писмото се потпишани Љубчо Георгиевски, основач и прв претседател на партијата, Гојко Јаковлевски, основач, Димитар Димитров, поранешен потпретседател на партијата, Марија Јорданова прва претседателка на Унијата на жените, Љубе Бошкоски, поранешен министер, Горан Рафајловски, поранешен амбасадор на РМ во Германија, Љупчо Балковски, поранешен министер, Ѓулистана Марковска, Михаил Пановски, Ристо Јованов,Горан Зафировски и Благоја Чкатровски пратеници во првиот состав на Собранието, Ден Дончев, поранешен генерален секретар на партијата, Васил Гаџовски, Борче Сибиновски, Александар Талески, поранешни пратеници, Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување перење на пари, Панте Јангелов, поранешен потпретседател на ОК Виница и Перо Гацов, поранешен член на ОК Кочани.

Актуелниот претседател на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски најави дека наредната недела партијата ќе донесе одлука за референдумот – дали ќе бојкотираат или ќе повикаат да се гласа против. За ВМРО ДПМНЕ, Договорот со Грција е штетен и неприфатлив.

Спонзорирано: