3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Одржана шестата седница на Комитетот за финансиска стабилност

Комитетот за финансиска стабилност ја одржа шестата седница, на која присуствуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски, како и високи претставници од двете институции.

Седницата се одржа како дел од редовните активности на министерството и Народната банка со цел следење на состојбите и трендовите во финансискиот систем.

„На седницата беа разгледани првичните резултати од оцената на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка за усогласеноста на банкарската супервизија и регулатива во Македонија со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија. Оцената е дел од сеопфатната Програма за оцена на финансискиот сектор во Македонија, којашто ја спроведува заеднички тим на експерти од двете меѓународни институции. Првичните согледувања укажуваат на стабилен и добро развиен систем на банкарска супервизија и регулатива, со висок степен на усогласеност со меѓународните стандарди објавени од Базелскиот комитет за банкарска супервизија“, наведуваат од НБРМ по завршувањето на седницата.

Комитетот, додаваат од Народната банка ги разгледал и последните движења во банкарскиот систем и ризиците врз финансиската стабилност во земјва, при што заклучил дека банкарскиот систем и понатаму ја има најзначајната улога во одржувањето на стабилноста на целиот финансиски систем.

„Активностите на банките продолжуваат да растат, а солвентноста на банките дополнително зајакна и на крајот на јуни 2018 година, стапката на адекватност на капиталот достигна 16,5 проценти. Ликвидните средства на банките континуирано се одржуваат на високо ниво, учествувајќи со над 30 проценти во вкупната актива на банките и обезбедувајќи покриеност на вкупните депозити на населението, од околу 60 проценти“, посочуваат од НБРМ во соопштението.

Оттаму додаваат дека квалитетот на кредитното портфолио на банките е стабилен, а стапката на нефукционалните кредити веќе неколку месеци е на ниво од околу 5 отсто.