9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Груевски смета дека делото за „мерцедесот“ му застарело на 26 февруари 2018 година

СЈО го извести судот дека барањето за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не е дозволено, по што продолжи јавната седница во второстепениот суд. Судијката-известител Тања Милева рече дека за овој предмет на СЈО познат под кодното име „Тенк“ биле поднесени вкупно 6 жалби, од кои 4 на адвокатите на Груевски, една лично од него и уште една од Ѓоко Поповски.

Во жалбените наоди на адвокатите е наведено дека судот направил серија суштествени повреди на Законот за кривична постапка, и дека погрешно ја утврдил фактичката состојба.

Во жалбата пишува дека судот противзаконски ги одбил барањата на адвокатите за изземање на судиите и поротниците и дека СЈО пред судот не ја докажало надлежноста. Освен тоа, наведено е дека дел од доказите биле доставени во копија, а Груевски и неговите адвокати воопшто не ги добиле бомбите како докази. Записниците од седниците за судењата не кореспондирале со видеозаписите од судскиот процес. Обвинетиот се жали за вештачењата на СЈО, кои, како што пишува во жалбата, вештачеле со истечени лиценци. Адвокатите се жалат дека не бил доставен записник за примопредавање на бомбите.

Во жалбата се додава дека во февруари годинава настапила апсолутна застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор што Груевски го направил на 26 февруари 2012 година. Во образложението на жалбите е наведено дека пресудата е нејасна и противречна.

Ова се дел од причините поради кои Груевски бара да биде укината првостепената пресуда и судот да донесе ослободителна пресуда.