14.8 C
Скопје
17. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Матео Салвини: Ангела Меркел ги „потцени” предизвиците за масовната миграција

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, вели дека германската канцеларка, Ангела Меркел, ги потценила проблемите што ќе ги донесе масовната имиграција, поврзувајќи го нејзиниот став за отворени граници со расистичкото насилство што го потресе германскиот град Хемниц, пренесува „Локал“.

„Меркел дефинитивно го потцени ризикот од социјални судири кога тврдеше дека има место за стотици илјади луѓе во Германија. Сè уште се сеќавам што се случи за време на новогодишните празници во Келн во 2015 година, а и на други места,“ изјави Салвини за „Дојче веле“ во понеделникот.

Стотици жени беа сексуално нападнати од групи главно северноафрикански мажи таа ноќ, што ја шокираше Германија и ја разгоре дебатата за одлуката на Меркел таа година да им дозволи влез на голем број азиланти во екот на миграционата криза во Европа.

Уште неколку злосторства од висок профил извршени од мигрантите оттогаш дополнително го зајакнаа јавното расположение, поттикнувајќи го подемот на екстремистичката антиисламска партија Алтернатива за Германија (АфД). Неодамна екстремната десница се собра во Хемниц откако на 26 август еден Германец беше избоден до смрт, а главен осомничен за нападот е ирачкиот барател на азил. Сликите на екстремно десничарски демонстранти кои ги бркаат луѓето што изгледаат како странци при насилните демонстрации и на неонацисти кои се поздравуваат со поздравот на Хитлер пред полицајците ја шокираа нацијата.

„Насилството никогаш не е решение. Насилството повикува на насилство, но германската влада со години го потценува проблемот, а подемот на AфД е јасна реакција”, изјави Салвини.

Салвини зазеде цврст антимиграциски став откако неговата десничарска партија Лига формираше влада со популистичкото Движење пет ѕвезди во јуни минатата година. Тој одби да им дозволи пристап до италијанските пристаништа на невладините организации за спасување на мигрантите и го обвини Брисел дека ја напуштил Италија сама да се справи со доаѓањето на стотици илјади мигранти од 2013 година.

Спонзорирано: