5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

ЈСП: Зa шест месеци продадени 20.000 персонализирани билети повеќе од лани

Во првите шест месеци од 2018 година автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје превезле 22,6 милиона патници. Повеќето од нив се возеле во март, а најмалку во јануари. На градските улици секојдневно сообраќале 277 возила на ЈСП, а 206 на приватните превозници. Во споредба со истиот период лани, годинава е регистриран зголемен број возила во дневен сообраќај, и тоа 0,5 отсто во просек дневно.

Бројот на продадени персонализирани билети е зголемен 2,6 отсто во споредба со истиот период лани, односно продадени се речиси 20.000 билети повеќе. Значително е зголемувањето на продажбата на доплатни билети за возрасни, како и на годишните билети за градските линии. Токму посочените категории билети го сочинуваат и најголемиот број продадени персонализирани билети.

Зголемен е и бројот на неперсонализирани билети – 25,9 отсто или речиси 825.000 билети. Статистиката на јавното претпријатие покажува дека значителен пораст во споредба со истиот период лани е забележан при плаќање билет со мобилен телефон. Лани во периодот јануари/јуни биле платени 100.528 билети со мобилен телефон, а годинава во истиот период, дури 782.075 билети.

Во првите шест месеци од годинава преземени се конкретни мерки за долгорочно задолжување на ЈСП кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра за купување нови еколошки автобуси. Во зависност од понудената цена на понудувачите, се очекува да се набават 30-40 возила на гас. Во согласност со планираната динамика на постапката, се очекува новите возила да бидат набавени идната пролет. Во таа насока, значајно е да се спомене дека во првото полугодие од годинава дел од јавниот сообраќај беа три автобуси на гас и еден на струја. Нивните производители/дистрибутери ги отстапија на бесплатно користење, а тој период се искористи за да се добијат конкретни искуства и резултати од нивната примена во јавниот превоз, односно да се утврди кој тип на автобус би бил најповолно решение за јавниот автобуски превоз во градот.

Значајно е да се нагласи и дека во посочениот период со жичницата се превезени 132.035 патници. Повеќето билети биле продадени на возрасни лица (83.884), а значителен е и бројот на продадени групни билети (7.804 на возрасни и 3.416 на деца).

Кон крајот на мај заврши договорот меѓу ЈСП Скопје и фирмата мастер-дилер за продажба на нивните услуги. ЈСП Скопје целосно ја презеде под своја надлежност дистрибуцијата на картичката „Скопска“. Оспособени за продажба и надополнување на „Скопска“ се 32 билетарници на ЈСП, како и деведесет локации од секундарната продажна мрежа (маркети, трафики), а нивниот број секојдневно расте.

Спонзорирано: