Претставници од косовската власт во посета на општина Маврово-Ростуше

Денеска на третиот ден од временото отворање на граничниот премин „Стрезимир“ на македонско–косовската граница во посета на локалната власт на општина Маврово-Ростуше престојуваат пратеникот во Собранието на Косово, Адем Хоџа, и заменик-министерот за економски развој во Владата на Косово, Амза Борје.

Тие на средбата со градоначалникот на општината, Медат Куртовски, изразија задоволство од вчерашната посета на македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со градоначалникот и жителите на Долна Река во селото Рестелица во Косово.

Посетата на министерот Спасовски и средбата со косовскиот министер за внатрешни работи, Бејтупш Гаши, вчера во Рестилица е оценета како мошне успешна и истата отвора нови можности за соработка на Македонија и Косово во пограничните региони.

Притоа е нагласено дека плодната соработка на пограничните региони ќе има и многу економски ефекти.

На средбата на Куртовски со пратеникот и заменикот-министер од Косово е оценето дека постојат добри услови за продлабочување на соработката на општина Маврово-Ростуше со општина Драгаш во Косово, и таа соработка ќе биде во интерес на локалните, но и на централните власти.

Од 18 до 20 август многу жители на општина Маврово-Ростуше ја посетија општината Драгаш и посебно селото Рестелица во регионот на Гора во Косово, а нагласен интерес за посета на општина Маврово-Ростуше имаше и од страна на жителите на населените места од Гора.

К.М

(makfax)