СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат став за референдумот

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат став за клучното прашање за иднината на државата, останува да соопштат за што се, вели СДСМ преку соопштение испратено до јавноста.

Владејачката партија вели дека на референдумот граѓаните ќе го кажат последниот збор. СДСМ тврди дека додека прогресивните сили, прогресивните демократски партии, граѓаните и граѓанските организации се обединети за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснуваат за што се.

„СДСМ е јасно определен за европска иднина на Македонија, како членка на ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ досега покажа дека се подготвени да ја жртвуваат иднината само за амнестија на Никола Груевски и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Останува да изберат и да соопштат за што се. Изборот е светла иднина или темно минато.Изборот е напредок, членство во НАТО и ЕУ или уназадување, криминал, изолација, враќање назад“, се вели во соопштението на СДСМ.