20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата вели дека во буџетот ќе се вратат 30 000 евра што останале неискористени при прославата за НАТО и ЕУ

Како што ја информиравме јавноста во целосниот извештај за прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“, вкупните трошоци за сите настани во 15 градови ширум Македонија, со сите ставки, изнесуваат околу 180 000 евра, реализирани во законска и транспарентна постапка, реагираат од Владата и како неточни ги квалификуваат тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Постапката е спроведена законски, со запазување на принципот на конкуренција и во транспарентна постапка. Постапката е реализирана согласно со член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавни набавки, за услуги за коишто законот дозволува, поради краткиот временски период, да се испратат покани до неколку економски оператори. За двете спроведени постапки се испратени покани до 3 економски оператори и операторите доставиле понуди. На тој начин принципот на конкуренција е целосно запазен“, се наведува во владиното соопштение.

Оттаму велат дека изборот на најповолен понудувач е направен согласно со однапред дефиниран критериум – најниска цена.

„Не е точно дека во тендерската документација не се опфатени техничките спецификации. Двете тендерски документации од двете постапки содржат технички спецификации. Согласно со одредбите од Законот, договорите се објавени во рок од 30 дена од денот на склучување. Разликата од 6 000 евра во споменатата ставка за потреби и услуги за организација на настаните се должи на соопштениот износ за вредноста на договорот кој без ДДВ изнесува 35 000 евра. Договорот за обезбедување сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување, е со повисока сума, но реално се потрошени помалку пари, односно како што веќе соопшти Владата, потрошени се околу 49 000 евра или по околу 3 200 евра по град“, стои во соопштението.

Како што наведуваат од Владата, бидејќи договорот за обезбедување сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување бил склучен пред одржувањето на настаните, во текот на реализацијата и состојбите на терен било констатирано дека се потребни помалку пари и оттука потрошени биле помалку средства.

Воедно информираат дека постапката за враќање на парите коишто не биле потрошени е веќе започната и Владата на Република Македонија очекува во буџетот на Република Македонија, од страна на приватна компанија, да се вратат околу 30 000 евра.

Спонзорирано: