5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Над 120 компании добија финансиска поддршка

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информира за реализацијата на дел од мерките за поддршка на малите и средните претпријатија како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2018 година.

„Во втората половина од минатата година со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180 проценти, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари. Годинава таа поддршка ја зголемивме со дополнителни 60 отсто, односно издвоивме 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата ја збогативме со нови мерки креирани на барање и во корист на претприемачите“, рече Бектеши и додаде дека средствата биле поделени по принципот прв дојден, прв услужен.
Од 13-те мерки за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија, министерот посочи дека најатрактивна била мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, за која се издвоени и најмногу средства, и тоа 20 милиони денари, а максималниот износ на субвенција за фирма беше 5 илјади евра. Годинава 81 фирма добија средства главно за набавка на опрема, алати или за проширување со цел проширување на производството или дејноста. Со мерката субвенционирање трошоци на занаетчии, за која беа издвоени 2,2 милиона денари, поддршка добија 19 субјекти, за женско претприемаштво со обезбедените 2 милиона денари поддржани се 16 жени претприемачи, а за сертификација на системи за квалитет според ИСО-стандарди буџетот од 800.000 денари беше распределн помеѓу 12 фирми.

Како што соопшти министерот, ова воедно беа и мерките за кои јавните повици беа објавени најрано, т.е. во првата фаза, и со кои 128 фирми добија поддршка. Во втората фаза беа објавени јавните повици за кофинансирање проекти за развој и поддршка на МСП и промоција на претприемаштвото со буџет од 2 милиона денари, кофинансирање програмски активности на мрежите на бизнис-ангели (1 милион денари) и за купување опрема, инструменти и алат од страна на фирмите што ќе се користат исклучиво за обука на лица за стекнување занимања во износ од 2,4 милиона денари.

„За овие средства од вкупен износ од 5,4 милиони денари јавните повици неодамна завршија, па во периодот што следува комисиите ќе ги разгледуваат апликациите, а во моментот активни се јавните повици за кофинансирање проекти на занаетчиски комори и еснафи, за кофинансирање на трошоците за едукација на вработените лица, за поддршка за основање еден технолошки парк во рамките на универзитетите во Република Македонија, за покривање дел од трошоците за одобрени проекти по ЕУ-програмите COSME и за воведување и сертифицирање ХАЛАЛ-систем“, истакна Бектеши додавајќи дека во тек е исплатата на средствата за поддршка на активностите на кластерите за кои беа издвоени 5 милиони денари, јавниот повик за мерките од индустриската политика трае до крајот на овој месец, а на располагање беа 3,8 милиони денари, главно за фирмите од преработувачката индустрија.

Бектеши апелира до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици, за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.

За фирмите што ги исполнија условите од јавните повици, а не успеаја да добијат подршка поради брза релизација на средствата, министерот за економија охрабри дека доколку се создадат услови за добивање дополнителни средства во случај на ребаланс на буџетот, ќе имаат можност да ја добијат својата поддршка.

Спонзорирано: