20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Јас го слушам гласот на младите, тоа е гласот на иднината!

Премиерот Зоран Заев по повод Меѓународен ден на младите – 12 август, упати честитка во која на младите им порачува да бидат гласни критичари, будна авангарда и први предводници на убавата македонска иднина, бидејќи гласот на младите е гласот на иднината.

„Меѓународниот ден на младите најдобро се одбележува преку постојан ангажман и посветеност на младинските прашања во текот на сите 365 денови во годината.

Младите се изборија да седнат на владина маса за да ги кројат политиките кои се за нив најважни, а институциите дадоа поддршка и ги отворија ширум вратите за да продре младинскиот глас за младинската иднина и за иднината на Македонија. Денес младите се моќни, а не запоставени.

Ние возрасните треба да внимаваме и да се спротивставуваме со сите сили на говорот на омраза и да дејствуваме контра политиките на поделби и конфликти кои им ја рушат иднината на младите. Тоа ни кажува за важноста на добриот збор, како и за нашата обврска да овозможиме безбеден простор и безбедна држава за младите да се развиваат и да ја градат иднината тука, во нашата земја.

Од деинституционализацијата и обезбедувањето безбедни домови за најранливите, до обезбедувањето на стабилноста преку членство во НАТО – сето ова е влог кон создавањето безбеден простор за младите. На тоа сме посветени и секојдневно работиме.

Гласот на младите е гласот на иднината. Тоа го знаеме сите. Гласот на младите треба и мора да биде одлучувачки за иднината на младите. Свесни сме за најголемата болка на нашето општество – одливот на младите. Затоа активно работиме да ја донесеме Европа дома, да обезбедиме стабилност преку НАТО, за да ја гледаат младите иднината тука и да се изградат себеси тука. Од таму е најважно, младите да не дозволат одлуките за нивната иднина да ги носат само возрасните, оти помина времето во кое старите знаеја што е најдобро за младите. Денес младите знаат што е најдобро за нив самите, а јас го слушам нивниот глас и знам дека за нив најважна е иднината, својата и таа на државата.

Честит ден на млади – мои млади! Да сте гласни критичари, будна авангарда и први предводници на убавата македонска иднина“, се вели во честитката на премиерот Заев по повод Меѓународниот ден на младите.

Спонзорирано: