7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Од денеска на јавен увид, во Избирачкиот список се запишани 1.805.707 гласачи

Бројот на запишани гласачи во Избирачкиот список кој од денеска па до 23 август е ставен на јавен увид, има вкупно 1.805.707.

„По завршувањето на јавниот увид, а најдоцна до 7 септември, Државната изборна комисија ќе го заклучи избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, па очекуваме бројката од 1.805.707 гласачи да се промени“, велат од Државната изборна комисија.

Јавниот увид ќе се врши во просторииите на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, низ целата територија на Република Македонија, како и електронски на официјалната интернет-страница на ДИК. Увидот во подрачните одделенија и канцеларии ќе може да се врши секој ден од 9 до 19 часот, а на 23 август до 24 часот.

Граѓаните кои ќе ги проверуваат своите податоци во подрачните одделенија на ДИК треба со себе да носат лична карта или пасош.

„Електронската апликација, пак, ќе биде постојано отворена за јавен увид. Пребарувањето во апликацијата може да се врши според ЕМБГ, адреса, или име и презиме. Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини. Барањето граѓанинот може да го поднесе до подрачното одделение или канцеларија на Државната изборна комисија според неговото место на живеење“, додаваат од ДИК.

Од ДИК потсетуваат дека од денеска па до 23 август трае рокот за пријавување за гласање во странство.

„Државната изборна комисија ќе отвори избирачки места во сите ДКП каде за гласање ќе се пријават над 10 избирачи, додека во ДКП во кои ќе имаме над 1000 пријави ќе бидат отворени и дополнителни избирачки места“, соопштија од ДИК.

Гласањето во странство ќе се одржи на 29 септември, еден ден пред денот определен за референдумот, од 7 до 19 часот според временската зона во ДКП.

Спонзорирано: